03.07.2017 Тело на 69-годишна жена која се удавила во главниот магистрален канал од хидросистемот Брегалница, е пронајдено во близина на селото Жиганци, Кочанско.
При рутинската контрола на мрежата за наводнување, изутрината околу 7 часот вработени во водостопанската подружница од Кочани забележале безживотен труп што бил закачен на решетките од каналот и веднаш ја алармирале полицијата.
- Тргнувајќи наваму од селото Жиганци видов дека има две полициски возила и две пожарникарски. Се сомневавме дека има некој човек готре, бидејќи имаше и доста народ таму. Веројатно имаше и од Судот, истражен судија, и лекар, оти мислам дека и Брза помош имаше. Кој е човекот не мие познато, не знам, рече жител на Жиганци.
На местото каде што е пронајдено телото увид направиле надлежните полициски органи и јавен обвинител, по што е констатирано дека станува збор за Розита З. од соседното село Спанчево. Вчера попладне жената била забележана дека се упатува кон полето во близина каде што поминува каналот и оттогаш и се изгубила секаква трага.
Од увидот што го направиле надлежните е констатирано дека кај починатата нема видливи траги на насилство и заклучиле оти се работи за несреќен случај. Поради тоа обдукција нема да се прави, а телото е предадено на семејството.
69-годишната жена не е единствената жртва на каналот од хидросистемот Брегалница. Од длабоката и студена вода пред две години исто така беше извлечено тело на удавена жена од селото Чифлик, а пред тоа и на 39-годишен маж од Кочани.
Со оглед што се работи за отворен и незаштитен објект, неретко во каналот паѓаат и домашни животни што се напасуваат во близина, поради што надлежните ќе мора да бараат решение за зголемена заштита на неговата околина.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.