10.07.2017 Крвавиот и трагичен биланс на патиштата во Источниот регион нема тенденции на намалување.
Напротив, со трите сообраќајни несреќи што се случија во иста ноќ изминатиот викенд само се потврдуваат негативните состојби што ги бележат надлежните полициски служби.
Трагедијата во која во саботата по полноќ, при директен судир меѓу автомобил и автобус кај Чифлик, згаснаа три млади животи, а во истовреме и еден 20-годишен возач од Виница излета од патот на крстосницата кон својот роден град и почина на лице место, болно одекнаа во локалната, но и во пошироката јавност во државата.
Како дополнение на сето тоа дојде и информацијата дека неколку часа претходно уште две лица загинале во сообраќајна несреќа во Делчево, што беше повод од СВР – Штип да апелираат на поголема одговорност кај возачите, кои треба доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Анализата на полицијата покажала дека за првите 6 месеци од оваа година, сообраќајните несреќеи со трагични последици бележат стапка на сериозен пораст.
- Во првата половина на 2017 година во 6 сообраќајни незгоди 6 лица го загубиле животот. Во споредба со минатата, 2016 година, во 6 сообрачајни несреќи 6 лица го загубиле животот. Во 2015 година во три сообраќајни несреќи 3 лица го загубиле животот. Најчести причини за сообраќајните незгоди се брзото возење, неправилното престигнување, заморот, алкохолот, недржење растојание, страна и правец на движење, неносењето сигурносен појас и кацига. Причина број еден за сообраќајни незгоди со фатални последици е брзото возење и непрописното престигнување, па затоа бидете трпеливи и никогаш не престигнувајте неправилно, дури и кога навидум изгледа дека е безбедно, рече Гордана Панајотова, порптарол на СВР – Штип.
Токму брзото возење се наведува како една од можните причини за трагичната сообраќајка на магистралниот пат А3 во близина на Чифлик, каде на лице место починаа 28 годишниот Љупчо Л. и 25-годишниот Денис П. од Кочани, а подоцна на повредите им подлегна и нивниот 23-годишен другар Ранко Т., кој бил сопатник во возилото што се судри со автобус.
Страшните глетки од распарчениот автомобил и крвавите траги на асфалтот треба да бидат потсетување за сите возачи дека треба да се почитуваат правилата и прописите за безбедно учество во сообраќајот.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.