12.07.2017 Со празнична вечерна богослужба и со утрена и Света архиерејска литургија во храмот „Св. Вмч. Ѓорѓи“ на која чиноначалствуваше митрополитот брегалнички Иларион во сослужение на повеќе свештеници од кочанското архиерејско намесништво, беше одбележан празникот на градот Кочани - Петровден.
По Литургијата свештениците и верниот народ се упатија на литија со иконата на светите апостоли Петар и Павле до Градскиот парк, кај фонтаната каде што се изобразени ликовите на светите апостоли.
Таму беше пресечен славскиот колач и беа упатени молитви кон светителите.
- За многу години и честит празник на Кочани Петровден, кој е празник и на целата црква. Се молиме на Бога преку молитвите на светоте апостоли Петар и Павле да им подарат на луѓето мир и благосостојба и да бидат среќни и весели и да можат да го слават Бога, рече г. Иларион, Митрополит Брегалнички.
- Денеска е значаен ден за Кочани. Она што беше децениска традиција во Кочани, ние пред осум години го официјализиравме и Петровден стана официјален ден на градот. Забележуваме кај сите наши согрѓани дека имаме огромно присутво на Литургијата и на Литијата што посебно ме радува. Им го честитаме празникот на сите граѓани на Кочани, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
По повод Петровден синоќа во ЦК „Бели Мугри“ се одржа Духовна академија со црковни читања за двајцата Христови апостоли Петар и Павле, а настап имаа женските хорови лесновскиот „Св. Лидија Македонска“, штипскиот Св. Климент Охридски“ и радовишкиот машки хор „Св. Јован Дамаскин“. Во рамките на програмата тие се претставија со духовна музика. На крајот од академијата настапи и оркестарот на ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари.
Т. Велкова
2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
29°C
Кочани