13.07.2017 Со одигрувањето на финалниот натпревар меѓу екипите на “Драчевик“ и “Наполитанци“ заврши овогодишниот прв Петровденски турнир во мал фудбал чиј организатор беше Комисијата за спорт при општинската организација на СДСМ од Кочани.
Подобар беше тимот на “Драчевик“ кој го совлада својот противник со резултат 3:1, откако во првото полувреме поведе со 1:0.
Во полуфиналената средба пак, „Наполитанци“ беа поубедливи против екипата на „Фудбалс Старс“ при што ја победија со 4:1, а „Драчевик“ пак, обезбеди чиста победа од 5:0 против тимот на „Белско Маало“.
На победничката екипа и припадна пехарот што го врачи претседателот на кочанските социјалдемократи, Сашко Костов.
Инаку, на турнирот учествуваа вкупно осум екипи, а се играше на спортскиот терен во населбата Сиви Дом. Општинската организација на СДСМ се одлучи да го организира во чест на празникот на градот – Петровден, откако Локалната самоуправа го откажа традиционалниот Петровденски турнир што го органзираше таа, со образложение дека не се пријавила ниту една екипа.
Турнирот предизвика внимание кај љубителите на фудбалот за што потврда е посетеноста на сите средби, како и интересот и на други екипи да учествуваат во натпреварите. Сепак, поради краткиот рок за организирање и одржување, се одиграа само четвртифалните, полуфиналните и финалниот натпревар.
Организаторите најавуваат дека во план е Петровденскиот турнир да стане традиционален.
Т. Ајтовски