17.08.2017 Детската градинка “Павлина Велјанова“ од септември ќе треба да започне да функционираат со двосменско работно време.
Според информациите што ги дало Министерстгвото за труд и социјална политика, оваа детска јавна установа е вклучена во владиниот проект со кој се опфатени слични објекти во уште и во Гевгелија, Радовиш, Охрид, Тетово и Прилеп.
Од Министерството веќе испратиле дописи до сите државни детски градинки да направат анкета со родителите, пред да започне да се применува новата мерка.
Ваквиот начин на функционирање беше најавен пред околу еден месец при што беше речено дека ќе се воведе флексибилно работно време во дел од јавната администрација, а во градинките ќе започне да функциоинира и втора смена.
- Со оваа мерка сакаме да излеземе во пресрет и на родителите кои што во различно работно време почнуваат со работа во училиштата и градинките. Очекуваме оваа мерка да придонесе и за намалување на сообраќајните гужви, особено во големите градови, во ударните периоди, односно пред почетокот и по завршувањето на работното време. Одлуката ќе почне да се применува од 1 септември 2017 година. Оваа одложена примена се должи со цел да им се овозможи на институциите да се прилагодат за примена на истата, рече Дамјан Манчевски, министер за администрација и информатичко општество.
За сега се планира двосменско работење да има само во градинки или клонови во кои е искажана потреба од страна на родителите, заради што и ќе се спроведе најавената анкета со нив. Доколку биде прифатена и започне да функционира тоа ќе значи и вработување на нови воспитувачки, но и дополнителни финансиски трошоци што исто така би требало да се анализираат. Тоа пред се се однесува на издатоците за загревање и чистење на просториите.
Во моментот најголемиот дел од градинките во Македонија работат од 6 наутро до 17 часот попладне, а досега само во неколку установи имаше и втора смена.
T. Aјтовски