20.09.2017 Државната изборна комисија и официјално ги објави резултатите од одржаното ждребување за редоследот на кандидатсклите листи на гласачките ливчиња. Според единствениот добиен број секој од подносителите ќе биде распореден на гласачкото ливче во пооделната општина каде што истакнал своја предлог листа на кандидати за градоначалник или за членови на Советот.
Ждребката определи во општина Кочани на гласачкото ливче за избор на градоначалник прв да се најде кандидатот на СДПМ, Методи Јованов, бидејќи партијата што го предлага го доби редниот број 1.
Под него на ливчето ќе се најде името на кандидатот Ратко Димитровски, предложен од ВМРО-ДПМНЕ која го доби редниот број 7. Кандидатот Николчо Илиев, поддржан од СДСМ и коалиционите партнери ќе биде трет на гласачкото ливче, бидејќи партијата што го предложи, на државно ниво го доби редниот број 19.
Во однос на советничките листи пак, распоредот ќе биде сличен, односно под реден број 1 ќе биде предложената листа од ВМРО-ДПМНЕ чиј носител е Лазо Митев, потоа од СДСМ со носителот Томче Солевски и на крај предлог-листата од група независни избирачи чиј носител е Венко Крстевски.
Во општина Виница каде има двајца кандидати за градоначалник, прв на гласачкото ливче ќе биде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Павлов, а втор кандидатот на СДСМ, Ивица Димитров. Кај советничките листи пак, во оваа општина под реден број 1 ќе биде предлогот на патијата Народно движење за Македонија која на ждребувањето во ДИК го доби бројот 6. Веднаш зад неа следуваат предлог листите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Во општина Зрновци прв на гласачкото ливче за избор на градоначалник ќе биде кандидатот од СДПМ, потоа од ВМРО-ДПМНЕ, па од СДСМ и на крај е Методи Николов, предложен од група избирачи. Кај предлог листите за советници, прва на ливчето ќе биде листата на ВМРО-ДПМНЕ, потоа на СДСМ и на крај независната листа предложена од група избирачи.
Во општина Чешиново-Облешево, каде за градоначалник имаше само две поднесени од листи, прв на ливчето ќе биде кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, а по него предлогот на СДСМ. Во однос на советничките листи пак, ситуацијата е слична како во Виница, односно под реден број 1 ќе биде предлогот на партијата Народно движење за Македонија, а потоа ќе следуваат предлог-листите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Според роковникот на ДИК, утврдените единствени листи на кандидати најдоцна до 21 септември трреба да бидат јавно огласени во сите населени места од определената општина на која тие се однесуваат.
Т. Ајтовски