02.10.2017 Независната листа за советници на Општина Кочани со носителот Венко Крстевски викендот организираше неколку перформанси на различни места во градот, со што на поинаков начин ја претстави својата предизборна кампања.
На Споменикот на слободата беше прикажан форум театар при што беа обработени актуелни проблеми со кои се соочуваат младите во современото општество. Како дел од настанот имаше промоција на книга и џез перфоманс.
- Нашата иницијатива е атипична во поглед на водењето на изборна кампања, всушност нашата иницијатива е само делумно политичка во потесна смисла на политиката. Ние сметаме дека политиката потекнува од граѓаните и за граѓаните и на ваков иновативен начин, преку организирање конкретни настани од сферата на културата, алтернативното образование, спортот и слично, ние сакаме да апелираме до колективната свест на граѓаните да се преземат итни мерки за заживување на спортот, културата и образованието во нашиот град за кои што имаме огромни потенцијали, а сметаме дека не се искористени или барем не се доволно искористени, рече Ангел Арсов од Независната листа за советници на општина Кочани, носител Венко Крстевски.
Независната листа за советници под мотото “Младите за Кочани“ се залага на Споменикот на слободата во иднина да се одржуваат претстави од секаков вид, концерти на млади алтернативни бендови и изложби. Исто така, искажана беше и иницијативата недела традиционално да стане ден за пикник и дружба надополнет со најразлични уметнички перформанси.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.