03.10.2017 Заложбите на членовите на Здружението на оризопроизводители “Бело злато“ за решавање на проблемите на земјоделците од регионот конечно постигнале ефект.
Повеќето состаноци што ги имале во Министерсвото за земјоделство наидувале на разбирање од надлежните, а во практика немало ефект се до сега, рекоа на прес -конференцијата, на која позитивно ја оценуваат одлуката за осетното покачување на субвенциите за оризопроизводителите.
Велат дека чувствуваат лична заслуга за постигнатото, откако добиле поддршка во ресорното министерство.
- Побаравме средба со актуелниот министер Николовски и ја остваривме веднаш. Со тоа се исполни едно ветување за оризопроизводителитеза трикратно зголемување на земјоделските субвенции. Значи, како што беа до сега 600 денари, отсега 2.400 денари ќе добие по единица површин, односно по декар. Тоа е една од мерките која е добра за земјоделците, за оризопроизводителите. Таа не е една и единствена, односно во секој момент треба да се реализира давање на “зелената нафта“ што ќе го намали трошокот во оризопроизводството, рече Зоран Борисов, потпретседател на Здружението “Бело злато“.
Освен овие мерки, Борисов рече дека е задоволено барањето за намалување на концесијата за користење државно земјоделско земјиште, а се воделе и преговори со водостопанското претпријатие за намалување на висината на водниот надоместок. Исто така, тој додаде дека било договорено цената за килограм арпа да биде 25 денари.
- Тоа ќе се почитува, ако откупувачите и преработувачите го откупуваат, да речеме килограм арпа за 18 денари, значи 7 денари ќе има Министерството обврска да доплати до фиксната 25 денари, додаде Борисов.
Борисов рече дека Здружението “Бело злато“ и понатаму ќе работи за исполнување на барањата на земјоделските производители и решавање на досегашните проблеми. Притоа, беше порачано дека неопходно е инспекциските органи да направат поголеми контроли во увозот на семенски и репроматеријали, како и да се проверува квалитетот на заштитните хемиски препарати против плевели.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.