09.10.2017 Во изминатите години општина Чешиново-Облешево немаше никаков развој, ниту вложување во важните инфраструктирни објекти.
Мора да се обезбеди чиста вода за пиење, да се изгради фекална канализација и добри патишта за граѓаните да не газат во кал, мора да се изгради општина каква што доликува во 21 век, беше речено на предизборниот собир што се одржа во Спанчево, а на кој беше презентирана предизборната програма на кандидатот за градоначалник Горанчо Крстев, предложен од коалицијата на СДСМ.
Во обраќањето пред присутните тој истакна дека време е сите населени места во општината да добијат еднакви услови, а најважно е од се е да се обезбеди водоснабдувањето.
- Во нашата општина немаме основни услови за живот, немаме вода, немаме канализација, немаме инфраструктура, немаме ништо. Кога станува збор за водата, ќе кажам јавно дека ние, во селото Спанчево, водата ни ја земаа, Општината ни ја земаа Наместо да ја донесат, да ја модернизираат, само ги земаа парите. Преку 100 илјади евра ни зедоа пари, од народот, а не вратија ни едно евро во нашето село. Додека нашите луѓе и деца пијат загадена вода, од цевки пред 50 години, што ги ставиле нашите стари, дедовци, прадедовци и татковци. Затоа, ќе се бориме до крај, за секое село, за секој граѓанин да има чиста вода за пиење, рече Горанчо Крстев, кандидат на СДСМ за градоначалник на Чешиново-Облешево.
На собирот во Спанчево зборуваше и потпреседателот на СДСМ, Оливер Спасовски кој рече дека продолжува реализацијата на проекти, за да има задоволни и заштитени работници, проекти со кои се обезбедува поддршка за земјоделството, а инфраструктурата ќе се се гради плански. Според него, нема важни и неважни или големи и мали општини, туку единствена заложба мора да биде на сите граѓани да им се понудат еднакви услови за живот.