- Да се заблагодарам и да им честитам на граѓаните на општина Кочани кои покажаа голем демократски капацитет и на едни фер и демократски избори јасно ја искажаа својата волја. Бројката, резултатот е огромен, тој радува, но и обврзува. Тоа значи, тоа покажува дека граѓаните од нас очекуваат резултати. Тоа нема да биде ни малку лесно и едноставно, бидејќи како што имав прилика да видам за време на тринеделната кампања во Кочани и во селата, во околината има многу нешта кои што граѓаните очекуваат да бидат направени и поправени. Тоа значи дека од денеска седнуваме и размислуваме како да ги решаваме проблемите на граѓаните. Реков дека има многу проблеми, сите одеднаш нема да можеме да ги решиме, меѓутоа ветувам дека цврсто се зафаќаме со работа и граѓаните ќе ги даваат приоритетите, а ние ќе ги решаваме, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Илијев рече дека очекува коректна соработка со Советот на Општината затоа што заедничка цел е да се создадат услови за подобар живот на граѓаните, поради што не очекува опструкции. Притоа најави транспарентност и отвореност во неговото работење, како и подготвеност за соработка.
Своите мислења околу работењето на новата локална власт, изнесоа и носителите на кандидатските листи чии членови влегоа во состав на Советот на Општината.
- Прво, благодарност до граѓаните на Кочани, до новинарските екипи што не следеа цело време во текот на изборната кампања, благодарност до сите кандидати од советничката листа на СДСМ и до опозиционата ВМРО-ДПМНЕ и независната листа. Имавме убава кампања и избори, се надевам дека ќе продолжиме во тој стил, отворени кон сите, да ја направиме Општината отворена за сите, рече Томе Солевски, носител на листата за советници од коалицијата на СДСМ.
- Би сакал да му честитам на градоначалникот, да им честитам и на советниците и да кажам дека ние во претходните четири години како партија која што беше на власт, заедно со градоначалник и со мнозинство во Советот, бевме конструктивни, работевме заедно со нашите колеги и покажавме дека сме Совет кој што заслужува да биде награден и да биде следен од граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалиционите партнери ќе продолжи во контекст на она што го теравме и минатиот пат и верувајте дека ќе бидеме конструктивна опозиција и дека ќе го следиме секој чекор на градоначалникот и на советниците, односно на нивните програми и тука ќе бидеме во служба на народот и во служба на граѓаните, рече Лазо Митев, носител на советничката листа на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
- Се надевам дека ова е почеток на една успешна работа и соработка во интерс на граѓаните на општина Кочани, честитки за изборот на градоначалникот и му посакувам успех во работата. Апелирам да се посвети повеќе внимание на младите, со ова не сакам да ги деградирам постарите генерации во општината, но апелот се должи на тоа дека ако сакаат да останеме овде, а не тие да бидат сами со штурците и чавките, мора да се посвети повеќе внимание на младите и младинските политики, рече Венко Крстевски, советник од Независната листа за советници.
По добивањето на уверенијата и започнувањето на работните обврски, советниците се договорија на 2 ноември да се одржи конститутивната седница, на која ќе се официјализираат и координаторите на советничките групи, по што и официјално Советот ќе може да отпочне со работа. Првата работна средба, на која ќе се разгледуваат прашања што се од надлежност на советниците е планирано да се одржи на 15 ноември.
Во меѓувреме, новиот градоначалник Николчо Илијев влезе во својот кабинет и најави дека веќе од четврток ќе започне со исполнување на преземените обврски на новата функција.
Т. Ајтовски