Со огласот се бараа понуди од стручни лица за можни архитектонски решенија на целиот простор околу Спомениот на слободата. Меѓу другите услови што требаше да ги содржат предлозите се бараше тие да гарантираат изводливост и одржливост, оригиналност и репрезентативност на концептот, креативност и инвентивност во пристапот на обликување, современ третман на просторот и чтливост на идејата на проектот.
Цел на идејното архитектонско решение за парк на ридот Локубија е да се среди пејсажниот изглед на доминантната кота што се отвора кон југ, а опфатот е со површина од над 130 илјади метри квадратни. Притоа Општината бараше проектантите да предвидат ресторан-видиковец на локација што сами ќе ја определат, потоа патека за маунт бајк велосипеди, едно универзално игралиште за сите спортови, а изгледот на паркот да се збогати со поголема фонтана на една локација.
Инаку, ридот Локубија и Споменикот на слободата, што беше изграден на почетокот на 80-те години од минатиот век, со децении чекаат целосно решение за уредување. По изградбата на споменичниот објект просторот беше заборавен, особено по промената на системот на државно уредување, со што тој ја изгуби својата основна намена и е претворен во руина.