30.10.2017 Трите општини од микрорегионот Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево ги добија своите градоначалници по одржувањето на вториот круг од локалните избори.
По нешто помалку од два часа по затворањето на гласачките места веќе почнаа да пристигнуваат информациите од партиските штабови за тоа како поминало гласањето , а нешто подоцна започна и славењето на победата.
Во Општина Виница, кандидатот од коалицијата на СДСМ, Ивица Димитров е новиот градоначалник. Приота тој не само што ја задржа, туку и за над трипати ја натфрли предноста од првиот круг пред својот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Павлов.
Според првичните резултати од ДИК, за Димитров гласале 5.570, а за Павлов 4.682 гласачи, со што меѓусебната разлика изнесува над 8 отсто во корист на победникот. Бројот на граѓаните кои што излегле на гласачките места е скоро ист како во првиот круг, односно изнесува околу 61,5 отсо во однос на вкупно запишаните на избирачкиот список.Во Општина Чешиново-Облешево новиот градоначалник исто така е од редовите на СДСМ. Кандидатот Горанчо Крстев ја анулираше минималната предност од 39 гласа, на својот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Горанчо Зашов и освои 163 гласа повеќе, со што ќе ја преземе градоначалничката функција. Првичните резултати по пребројувањето, а што ги објави ДИК покажуваат дека за Крстев гласале 2.155, а за Зашов 1.992 гласачи. Овде процентот на излезност е за околу 3 отсто помал во однос на првиот круг кога гласале скоро 76 отсто од запишаните граѓани со право на глас.
За разлика од претходните две општини, во Зрновци нема промена на местото градоначалник, односно и во наредниот четиригодишен мандат со неа ќе управува Блаже Станков. Тој, освои 274 гласови повеќе од својот противкандидат Ванчо Митев, пртедложен од коалицијата на СДСМ. За Станков гласале 944, а за Митев 670 граѓани, со што разликата меѓу нов двајцата се намали за околу 60-тина гласа во однос на првиот круг, но тоа не влијаеше врз крајниот резултат.
Со победата на Станков, Зрновци е единствената олпштина во Источниот регион што ќе има градоначалник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Т. Ајтовски