- Да ви честитам за високата свест и достоинство во процесот на локалните избори. Во Зрновци изборите беа фер и демократски, и во име на членовите на Општинската изборна комисија на сите вио ја честитам победата и ви посакувам успешна и ефикасна работа.
Како граѓани на Зрновци, очекуваме да работите во интерес на сите граѓани, да им помагате на граѓаните во општина Зрновци, рече Светлана Димитровска, претседател на Општинската изборна комисија – Зрновци.Од име на присутните на доделувањето на уверенијата, благодарност за довербата од граѓаните искажа градоначалникот Блаже Станков, кој во наредните четири години по трет пат ќе ја извршува функцијата. Притоа најави соработка со Советот за да се реализираат ветените проекти.
- Пред се сакам да се заблагодарам на граѓаните на општина Зрновци што повторно ми го дадоа овој мандат со ветување дека и понатаму ќе работам посветено со цел да ја исполнам програмата, односно да го исполнам ветеното. На советниците им го честитам изборот во Советот на Општина Зрновци и очекувам конструктивна соработка со сите советницви, очекувам дека ќе работиме во интерес на граѓаните, затоа сме избрани. Очекувам секој предлог што е во интерес на граѓаните дека ќе биде прифатен од сите советници, рече Блаже Станков, градоначалник на Општина Зрновци.
Советот на Општина Зрновци има вкупно 9 советници од кои, според постигнатите резултати на изборите, по четворица се од коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, а еден советник го доби мандатот како кандидат од независна листа.
На свеченоста по повод доделувањето на уверенијата беше договорено конститутивната седница и изборот на претседател на Советот да се одржи идната недела, поради отсуството на еден од избраните советници.
Т. Ајтовски