08.11.2017 Советот на Општина Виница и официјално ја доби верификацијата на членовите кои влегуваат во неговиот состав за наредниот четиригодишен прериод.
- Пред се благодарам, се надевам дека во иднина ќе имаме одлична соработка со сите советници, и од позицијата и од опозицијата, и нормално, ќе донесуваме правилни одлуки во интерес на сите граѓани во општина Виница. Исто така и со градоначалникот очекувам дека ќе имаме одлична соработка, и кај него најдобри одлуки, и заедничко решавање на сите проблеми, рече Тони Велков, претседател на Советот на Општина Виница.
Иако ова му е прв советнички мандат на Велков, тој смета дека тоа не е пречка за нормално функционирање на Советот на Општина Виница.
Честитки за неговиот избор упати и градоначалникот Ивица Димитров, кој неколку часа пред одржувањето на конститувната седница ја презеде функцијата.
- Денеска во 9 часот направивме примопредавање со претходниот градоначалник Емил Дончев, разговаравме за тековните состојби, каква е финансиската конструкција во Општина Виница, видовме дека таа е задолжена општина, така што во наредните 4 години ќе се обидеме овој долг да го намалиме или целосно да го покриеме. Разговаравме и за проекти што се во тек, но како што видовме сега за сега нема некои проекти што ги работела претходната локална власт. Се надеваме дека во наредните 4 години овие работи ќе ги подобриме и зголемиме и ќе се интензивира работењето на нашата Општина, рече Ивица Димитров, градоначалник на Општина Виница.
Димитров рече дека се уште нема сознанија колкав е вкупниот долг на буџетската сметка на Општината, но дека веќе дал задача на стручните служби да ја утврдат сумата и најави оти во наредните денови ќе ја информира јавноста за тоа.
Во рамки на коститутивната седница на Советот на Општина беа избрани и членовите на дел од комисииите што работат во негов состав, а се утврдија и советниците кои како претставници од Локалната самоуправа ќе присуствуваат на склучувањето бракови.
Т. Ајтовски