14.11.2017 За деветте месеци од оваа година приходите во целиот Буџет на Општина Виница се остварени во износ од 174 милиони и 714 илјади денари, што е 63 отсто од вкупно планираните.
Кај основниот буџет пак, состојбата е полоша, односно собрани се 56 милиони и 536 илјади денари што е само 49 отсто од планираното.
Овие податоци беа презентирани на втората редовна седница на Советот на Општина Виница, на која, меѓу другото, се разгледуваше извештајот за извршувањето на Буџетот во третиот квартал од 2017 година.
Неповолната финансиска состојба ја дополни и извештајот за достасаните и неплатени обврски според кој Општината должи над 43 милиони денари, од кои околу 4 милиони отпаѓаат на училиштата и другите буџетски корисници, а остатокот од над 38 милиони денари се неподмирени обврски на Локалната самоуправа. На овој долг треба да се додадат и обврските за исплата на паушали на советниците од март до септември, како и враќањето на позајмицата кон Министерството за финансиии од 6 милиони денари.
- Значи, ако ние сакаме да прикажеме дека Општина е должна само 43 милиони денари, се лажеме, значи и позајмицата е долг. Плус паушалите на старите советници од 1 милион и 200 илјади денари, и тоа е долг на Општината, меѓутоа бидејќи во Секторот за финансии ги разграничуваат долговите, расцепкани на повеќе места и сега ако сите тие ги собереме ќе испадне од 100 милиони денари долг на Општината. Сега можеби ќе излезат, градоначалникот до Нова Година можеби ќе добие и други долгови по извршни решенија, да почекаме, да видиме до колку ќе се зголемува лимитот на долгот. Ние не можеме да кажеме дека е 43 милиони, затоа што е повеќе долгот, рече Соња Ѓоргиева, член на Советот на Општина Виница.
- Соња, го собираш долгот дека е 100 милиони денари. Кога веќе го собираш мораш да кажеш дека овој долг е до 2025 година. Значи, долгот од 100 милиони ни е до 2025 -2016, рече Дарко Јангелов, член на Советот на Општина Виница.
Поради обврските што чекаат подмирување и помалите приходи од планираните, на седницата се најде точката за ребаланс на Буџетот за 2017 година, со што основниот буџет се намалува за 12,5 милиони, од што пак половината се нереализирани приходи од продажба на државно градежно земјиште. Советниците од опозицициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат за ребалансот бидејќи со тоа се кратат пари за завршување на некои инфраструктурни проекти. Од советничката група на СДСМ рекоа дека недостасуваат пари за тие проекти да се реализираат затоа што биле нереално планирани.
- Колку пари, толку музика, колку се собрани пари, да го погледнеме основниот буџет, 100 илјади евра имаме само за капитални расходи. Тоа е она што ние цело време го зборевме при креирањето на Буџетот. Проекцијата е нереална, превисока, дајте намалете ја, колку пати ние тоа го зборевме во претходниот Совет, рече Митко Илиевски, член на Советот на Општина Виница.
На крајот од дискусијата, ребалансот доби поддршка од мнозинството во Советот. Потоа се разгледаа и останатите точки од дневниот ред што главно се однесуваа на именување нови членови во управните одбори на Градинката, Домот на културата, Музејот, Здравствениот дом и во СОУ “Ванчо Прке“.
Т. Ајтовски