16.11.2017 Со завршувањето на локалните избори, општините повторно имаат можност да нудат на продажба парцели за изградба на објекти со различни намени.
Општина Кочани веќе излезе со нова објава за оттуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање. Таа е прва по неколку месеци, откако во средината на оваа година со несупех заврши огласот со кој од понудените 15 се продадоа само три парцели.
Со новииот оглас, што е 28. по ред, Локалната самоуправа на Кочани продава осум градежни парцели за изградба на индустриски објекти, викендички и куќи.
Во месноста Драчевиќ се продава земјиште со површина од 1.471, 1.557 и 1.587 метри квадратни за објекти од лесната индустрија и малото стопанство. Во зимско-рекреативниот центар Пониква се нудат две локации за изградба на викенд-куќи со површина од 1.099 и 950 метри квадратни. Дополнителни три парцели во градот се продаваат за изградба на објекти за индивидуално домување.
Почетната цена на огласеното земјиште за продажба изнесува 61 денари по метар квадратен. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите пријави за учество најдоцна до 5 декември за индивидуалните куќи во Кочани, до 18 декември за индустриските објекти и 25 декември за викенд-куќите на Пониква.
Електронските јавни наддавања се закажани за 7 декември, 20 и 27 декември.
Т. Ајтовски