24.11.2017 Неефикасни се мерките што досега се преземени за решавање на проблемот со бездомните животни, пред кучињата скитници. Нивниот број не се намалува, иако од буџетите на општините во државата се издвојуваат средства за вакцинирање и соодветен третман на сегашната популација.
По улиците на Кочани и понатаму се забележуваат глутници што често се агресивни и ги напаѓаат минувачите, пред се постари граѓани и деца.
Овој проблем беше и главна тема на состанокот на Граѓанската советодавна група на кој, по иницијатива на граѓанските здруженија, се разговараше за можните начини за подобрување на ситуацијата.
На средбата присуствуваа и претставници од МВР, како и од Здружението за заштита на животните “Втора шанса“ од Кочани.
- Како што можете да забележите, на терен ситуацијата е страшна, навистина. Груба бројка е дека имаме 200 кучиња скитници, тоа ни е потврдено со материјален доказ, имаме слики од сите скитници што се на терен. Имаме напади, навистина непотребно, а со изградба на еден стационар ќе го решиме целиот проблем. Сега само бараме Општината да ни одобри изградба на стационар, односно да ни обезбеди соодветни услови за хуман третман на животните, рече Александра Арсов од Здружението “Втора шанса“ – Кочани.
На состанокот беше речено дека граѓанските здруженија се подготвени за соработка со надлежните служби и на општинско и на повисоко ниво, за конечно да се реши проблемот со бездомните кучиња. Сегашното заловување и третманот на животните е оценето како нехумано и треба да се промени.
- Многу помалку чини изградбата на стационарот и третирањето на бездомните животни, поточно во конкретниот случај, кучињата да се третираат овде во изграден стационар, отколку да се плаќа секој месец на служби кои се од други градови, затоа што има превоз и дополнителни трошоци, а пред се, прашање е дали службите кои ги заловуваат животните ги извршуваат сите услуги за кои се платени. Сведоци сме дека кучињата што се заловуваат на реонот на општина Кочани не се враќаат во истиот реон, туку добиваме кучиња кои се нови, тие се дезориентирани и нормално е дека ќе напаѓаат, додава Арсова.
Еден од предлозите е сопствениците на домашни миленици, особено на кучињата, да ги врзуваат, односно поради негрижа да не ги оставаат слободно да шетаат по улиците.
Сите предлози и заклучоци од состанокот на Советодавната граѓанска група ќе бидат доставени до надлежните општински служби.
T. Ајтовски