27.11.2017 Општина Кочани не може сама да го враќа огромниот долг од над 43 милиони денари, односно над 700 илјади евра за бесплатниот превоз на учениците.
Без оглед што задолженоста се натрупувала во последните пет години, токму на крајот од 2017-та се јавуваат сериозни проблеми со блокирање на училишните сметки и тешкотии во нормалното функционирање на образовните установи.
Промената на власта на локално ниво во државата, па и во Кочани, како да беше пресвртен момент во кој доверителите бараат нивните побарувања да бидат подмирени, со што буџетската сметка на Општината, како основач на училиштата, е под силен притисок и закана од блокада. Градоначалникот Илијев очекува прболемот да се решава со поддршка од државата, затоа што и таа има обврска да преземе дел од финансискиот товар.
- Општината нема да може да најде можности за овие средства сама да ги обезбеди, и овде несебично ја очекувам поддршката од централната власт. Очекувам во наредните денови повик од Министерството за образование и наука, да поразговараме и да побараме сите заедно некакво решение кое ќе ги намали натамошните проблеми, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Додека се чека разбирање и помош од ресорното министерство, Илијев веќе презел конкретни чекори за да се избегне блокирање на општинската сметка поради високите обврски кон фирмата која го обезбедува превозот на учениците.
- Имав разговори со давателот на услугата, наидов на одредено разбирање, но очигледно и на него времето му тече. Јас не знам зошто е чекано толку време да не се решава тој проблем и со моето доаѓање проблемот стана прилично голем, училиштата веќе се блокираат. Ние правиме напори, што е во наша моќ да покажеме добра волја, дел од проблемите да ги разрешуваме со некои сукцесивни плаќања, се со цел да го одоброволиме и тој да наиде на разбирање, се до конечното решавање на проблемот, додава Илијев.
Висината на сумата во блок дотациите што државата ги исплаќаше во измнатите години за покривање на трошоците на училиштата беа несразмерни во однос на наметнатите обврски на општините да го организираат бесплатниот превоз на учениците. Тоа најсериозно се одрази кај поголемите општини во кои настава посетуваат и ученици од соседните градови и населени места, а еден негативните примери е и општина Кочани, каде долговите за превозот се во висина од близу 12 отсто од вкупниот општински буџет.
Т. Ајтовски