29.11.2017 Во 2018 година треба да започне изградбата на вкупно 467 социјални станови во Скопје и уште четири помали градови во државата, што во изминатите години не беа опфатени со програмите за социјална заштита.
Според програмата на Министерството за транспорт и врски и Виница е вклучена во планот според кој ќе се гради т.н. социјална зграда со вкупно 39 стана наменети за семејства што живеат во услови од социјален ризик.
Становите ќе бидат со површина од 35 до 45 метри квадратни, со што до некаде ќе се реши станбеното прашање на најранливите категории граѓани. Покрај Виница, социјални згради ќе добијат и Свети Николе и Пехчево со по 34 стана, Пробиштип со 48 стана, а останатите ќе се градат во Скопје.
Се работи за мали станови што ќе може да се користат по цена од 15 денари за метар квадратен, а според АД за стопанисување со станбен и деловен простор, во тек е усогласување на активностите со министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политика, за да се утврдат критериумите според кои ќе се прави распределбата на становите. Исто така, се бара најсоодветно решение како на поедноставен начин да се регулира плаќањето на надоместокот.
Инаку, веќе е завршена новата зграда со 43 социјални станови во Кочани и до крајот на оваа или на почетокот на идната година ќе биде објавен повик за нивна распределба.
Изгардабата на новите социјални згради, меѓу кои и онаа во Виница, е дел од проектот со кој до 2020 година Министерството за транспорт и врски треба да изгради вкупно 33 згради со 1.741 стан за социјално ранливи категори. Досега се изградени околу поливината од планираните објекти, за што се користат средста од Банката за развој при Советот на Европа, со вкупен буџет од 50.700.000 евра, од кои 50 проценти се обезбедени од Буџетот на Република Македонија.
Т. Ајтовски