19.12.2017 Покрај проблемот со големите долгови на училиштата за превозот на учениците, што се натрупале во изминатите години, во јавноста во Кочани се погласни се сомневањата оти и во линискиот превоз на патници има неправилности и непочитување на донесени одлуки.
Воведувањето на ваквата услуга од пред четири години директно ја засега Општина Кочани, со оглед што таа субвенционира 50 отсто од цената на билетот за градскиот превоз, поради што се отвора и прашањето дали се направени злоупотреби и финансиска штета.
На последната седница на Советот беше поставено и конкретно прашање за ова, со барање општинската администрација да разјасни за што станува збор.
- Имам неколку информации, а тоа се дека во претходниот период е извршувано превоз по некоја линија која не била усвоена со одлука на Совет. Јас имам информација и дека има поднесено и некоја кривична пријава, рече Венко Крстевски, член на Советот на Општна Кочани.
Од општинската администрација дадоа потврда за започната полициска истрага за градскиот превоз на патници.
- Од страна на надлежен орган се врши контрола на овој предмет и засега се уште нема покренато кривично дело, се уште е во фаза на истрага, рече Венцо Бојков од Одделението за правни работи на Општина Кочани.
Повод за дилеми меѓу советниците беше поставената точка во дневниот ред што се однесуваше на извесни измени во одлуката за организирање и субвенционирање на јавниот градски превоз и сомневањата дека таа можеби и во иднина нема да се почитува.
- Дали со оваа одлука што е доставена, ќе соодветствува и одржувањето на линискиот прево. Значи, прашањето ми е дали нема да се доведеме ние како советници во заблуда да изгласаме една одлука, а линискиот превоз да вози по друга линија, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
Со измените и дополнувањата што се најдоа во предлог-одлуката се предвидува дека за отворање нови линии, за нивно продолжување, скратување или укинување одлучува Советот на Општина Кочани, а по предлог на градоначалникот, ако за тоа претходно се исполнети неопходните сообраќајно-технички и економски услови.Токму воведувањето на овој нов член во Одлуката за градскиот превоз, што претодно го немаше во документот, дополнително ги отвори сомневањата во јавноста оти имало можност за неправилности, па и надлежните органи ја започнале потврдената истражна постапка.
Т. Ајтовски