25.12.2017 Истражната постапка што полициските инспектори ја водеа во Локалната самоуправа на Кочани за начинот на субвенционирање на градскиот превоз на патници заврши со кривична пријава за поранешниот градоначалник Ратко Димитровски.
Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека склучил штетен договор за субвенционирање на градскиот превоз.
Според известувањето од МВР, Димитровски од декември 2013 до април 2014 година, без претходно донесена одлука од Советот на Општина Кочани за субвенционирање на градскиот превоз, склучил договор за вршење на услугата за пробен период со “Авто атом“ ДОО Кочани.
Договорот предвидувал Општината да субвенцира половина од износот за секој продаден билет на превозникот и со тоа на транспортното претпријатие му овозможил противправна корист, а Буџетот на Локалната самоуправа на Кочани бил оштетен за 3 милиони денари.
Инаку, поранешниот прв човек на Општина Кочани уште во средината на 2013 година најавуваше дека во Кочани ќе започне да функционира јавен градски превоз, а за што, според него, биле преземени соодветни подготовки, што беа потврдени и на почетокот на декември истата година кога стартуваше линијата.
- Ние направиме напори, заедно со превозникот “Авто атом“, со Полициската станица и службите од Општината, за подготовки на сите места, да се растовари сообраќајот, да се постават автобуските постојки, да се финализира возниот ред. И покрај некои поединечни негодувања од граѓаните за поставување на автобуските постојки, сепак тоа е завршено, рече во декември 2013 година Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Општина Кочани.
Четири години по реализирањето на проектот за јавен превоз, Полицијата поведе истрага за начинот на кој се спроведува услугата. Потврда за контролите во општинските финансиски книги имаше и на последната седница на Советот, кога од администрацијата рекоа дека извесен период истражителите работат на случајот.
Т. Ајтовски