02.01.2018 Со вообичаениот огномет, пукање петарди и музика од сите страни беше означен преминот од старата во Новата 2018 година.
Веселата атмосфера, без поголема еуфорија, што можеше да се почувствува во угостителските обкјекти каде имаше организиран дочек, но и во домовите на граѓаните, Кочани и во соседните општини помина без поголеми инциденти и релативно мирно.
Сепак, за да не биде се како што треба, се погрижиле две лица од Виница кои во расчистувањњето на меѓусебната расправија употребиле и прирачни предмети.
Според инфорамцијата од Секторот за внатрешни работи, во кафе бар во Виница, по претходна расправија, 24-годишниот Н. В. со пивско стаклено шише го удрил во пределот на главата 20-годишниот Д. М. од што тој се здобил со исекотина. Веднаш по настанот му била укажана лекарска помош во Итна медицинска помош - Виница, а поради сериозноста на повредата најпрвин тој бил пренесен во Општата болница – Кочани, од каде е препратен во Ургентен центар - Скопје.
Освен овој посериозен инцидент, се случил уште еден непосредно пред дочекот на Новата година. Од Полицијата потврдија дека пет минути по полноќ кај нив пристигнала пријава од Итната помош во Кочани дека бил донесен повреден постар малолетник. Според извештајот, на 31 декември во 23,45 часот, 17-годишниот М.Т. од Зрновци, пукајќи од гасен пиштол во една од собите во неговиот дом, самиот си нанел телесна повреда во пределот на левата подлактица. Веднаш по настанот тој бил пренесен во Здравствениот дом - Кочани од каде по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.
Во текот на празничните денови Територијалната противпожарна единица од Кочани немала многу работа. Дежурните пожарникари морале да интервенираат само еднаш, при што гаснеле запален контејнер во централното градско подрачје. Огнот бил брзо локализиран со што е избегната можност од негово проширување.
За време на новогодишното празнување се случиле и неколку поситни сообраќајни незгоди на улиците во градот, кај кои е регистрирана само мала материјална штета на возилата. Причините што ги предизвикале се управувањето на возилата со неприлагодена брзина и консумирањето алкохол, поради што од Секторот за внатрешни работи ги предупредуваат возачите и во претстојните празнични денови да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Т. Ајтовски