03.01.2018 Нови кадровски промени на почетокот на оваа година се направени и во раководството на водостопанската подружница “Брегалница“ во Кочани.
На местото на досегашниот вршител на должноста, на директорската позиција е назначен Дени Митров, за што веќе е потпишано решението од централата на Водостопанство во Скопје.
Митров има високошкослко образование и самиот вели дека има доволно познавање за состојбите со земјоделството во регионот, поради што го прифатил предизвикот да ја раководи водостопанската подружница.
- Официјално од вчера јас ја презедов функцијата со примопредавање од в.д. директорот Добре Нисев, така што иако е ран дел од сезоната, веднаш се зафативме со активности за чистење на одводните канали и на каналите за наводнување. Сакаме да го искористиме убавото време максимално, така што со наши две машини, од кои едната денеска ја пуштивме во функција, а другата ќе ја стартуваме во најбрз можен рок, така што ќе ги завршиме активностите и ќе ги тераме во целост, рече Дени Митров, директор на водостопанската подружница “Брегалница“.
Наскоро во водостопанската подружница ќе започне подготвката на деталниот план за наводнување, при што предвид ќе бидат земени барањата на земјоделците, но и расположливите количини вода во хидросистемот. Состојбата во браната Калиманци е на солидно ниво, оценува Митров, иако во изминатите месеци немаше големи врнежи од дожд и снег.
- Во моментот состојбата е задоволителна, имаме околу 47 милиони метри кубни вода, така што се надеам дека временските услови ќе бидат на наша страна и на страна на земјоделците и дека усчовите ќе бидат подобренои. Планот за наводнување, што се уште не е детален, се уште е рано за изготвување на детален план, а во подоцнежните активности ќе изготвиме детален план и мислам декла ќе ги прошириме површините за наводнување за оваа сезона, површините со ориз, додава Митров.
Освен во кочанскиот регион, Митров најави дека ќе се работи и на одржување и чистење на каналската мрежа за водокорисниците во другите потсистеми.
Деновиве ќе се одржи работен состанок во централата на Водостопанство во Скопје, при што ќе бидат истакнати потребните техничко-материјални услови за да се реализира новиот план за наводнување.
Т. Ајтовски