04.01.2018 Спортските екипи од Кочани и Виница ќе добијат вкупно по над 5 илјади евра од Агенцијата за млади и спорт. Тие побарале средства како помош од државата за нивните спортисти кои се натпреваруваат во младинските категории на возраст од 14 до 20 години.
Еден од условите за да се пријават на конкурсот на Агенцијата беше екипите да имаат остварени добри резултати во системот на државните лига натпревари.
Највисока сума за своите активности во Кочани ќе добие КГС “Партизан“ за кој од сметката на Агенцијата ќе бидат префрлени 110 илјади денари, а КК “Баскет Дино“ ќе добие 10 илајди денари помалку.
На конкурсот се пријавил и ЖФК “Кочани“ на кој од вкупната сума за женски фудбалски екипи ќе му припаднат 10 отсто, односно 70 илјади денари. Освен овие тимови, поддршка од државата во висина од по 43 илјади денари ќе добијат и училишната спортска екипа “Тркало“ од ОУ “Раде Кратовче“ и оние од средните училишта “Љупчо Сантов“ и “Гошо Викентиев“. Со тоа вкупната сума што ќе им биде исплатена на екипите од нашата општина изнесува 409 илјади денари.
И за екипите од општина Виница е обезбедена слична финансиска поддршка, односно сума од 321 илјада денари. Најмногу од нив, 135 илјади ќе му припаднат на ППК “Вин спин“, а ракометниот клуб “Торо спорт“ ќе добие 100 илјади денари. За училишните спортски екипи во “Славчо Стојменски“ и “Гоце Делчев“ се обезбедени по 43 илјади деанри.
Новата мерка од Агенцијата за млади и спорт е воведена за да се зголеми мотивацијата кај младите спортисти, но и за да им помогне на спортските федерации средствата да ги насочат кон сениорските тимови. Со проектот се опфатени 240 клубови кои имаат членови на возраст до 20 години, а вкупната сума што ќе се распредели е 22,5 милиони денари.
Т. Ајтовски