12.01.2018 Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев ги прифати неотповикливите оставки на тројца директори на основни училишта во Кочани и на нивно место именува вршители на должноста.
Благој Давитков, Драги Рашков и Невенка Митева, добија решенија со кои се именувани за вршители на должноста директор на основните училишта „Раде Кратовче“, „Малина Попиванова“ во Кочани и „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари.
Новоименуваните директори доаѓаат на местата на Гордана Манова, Ивица Цимбаљевиќ и Катерина Михајлоска, кои поднесоа неотповикливи оставки на директорските позиции во овие училишта.
Новоименуваните ќе ги вршат работите до именување на нови директори, а нивните досегашни работни места ќе мируваат за времетраењето на оваа фунција.
На прифаќање на оставките на Ивица Цимбаљевиќ и на Катерина Михајлоска се почека повеќе од еден месец, додека оставката на Гордана Манова е од неодамна и како што неофицијално дознаваме доаѓа и поради забелешки пристигнати од инспекторатот.
Градоначалникот Николчо Илијев, неодамна јавно изрази незадоволство од игнорантскиот однос на дел од раководствата во училиштата кои дозволиле да се натрупаат енормно високи долгови. Тогаш тој истакна дека вкупниот долг за превоз на училиштата кон „Авто атом“ изнесува 34 милиони денари, од кој најголем дел односно 24,5 милиони денари е на СОУ „Гошо Викентиев“, а 4 милиона и 400 илјади денари е на ОУ „Никола Карев“.
Останува констатацијата дека некои од директорите не чувствуваат никаква одговорност пред состојбите што се напластени од работењето на образовните установи што ги менаџираат.
T. Aјтовски