12.01.2018 Вистинска депонија ги задушува граѓаните на Кочани кои секојдневно минуваат на едно од најпрометните места во градот, а тоа е дворната површина на поранешниот хотел „Турист“ кој работел некогаш во 70-те години и бил значаен центар на разни игранки, забави и свечености.
Сега е претворено во депонија и место каде што несовесни граѓани вршат нужда па поради тоа се чувствува голема смрдеа кога се поминува оттаму.
Инаку, местото не е јавна површина туку во приватна сопственост, па затоа одговорни за хигиената на просторот се самите сопственици, а не КЈП „Водовод“.
Постарите жители се потстетуваат на времето кога работел хотелот и како тука го поминувале времето, но и ги повикуваат сопствениците на местото да си го исчистат бидејќи претставува вистинска зараза.
- Ова е катастрофа, тука вршат нужда, вистинска зараза е. Се сеќавам, едно време доаѓавме на игранки и веселби, имаше мала сала, голема сала, добар објект е, јас мислам дека Ратко го беше земал... Одете видете каква е ситуацијата, треба да се разбива тој криминал, ова е опасна работа... Се гледа дека е права депонија. Значи, немаме култура ние овде, граѓаните. И треба да се поведе малку сметка, да се исчисти и да се забрани да се влегува таму. Треба да има барем еден контејнер. Тој, на кој што е во приватна сопственост треба да си одговара за овоа, контејнер да си набави, да си има постојано, овој објект не е туку-така направен, тој беше симбол на Кочани, реагираат граѓаните.
Канал 8 досега во прилози во информативната емисија Вести неколку пати апелираше и повикуваше за чистење на депонијата, но прашањето е зошто молчат и не преземаат никакви конкретни активности одговорните служби, односно комуналните и санитарните инспектори. Граѓаните прашуваат треба ли да се случи опасна зараза, па дури тогаш да се реагира?
Т. Велкова