17.01.2018 Преполна сала, весели луѓе и многу донирани средства. Вака помина хуманитарна забава за помош на Методи Митев што се одржа во хотел ресторанот „Але-Дар“.
Од влезниците, од хуманите граѓани и од донираниот промет од страна на сопствениците на „Але Дар“ Методи Митев за операцијата во Кина собра уште околу 2.000 евра, за што јавно се заблагодари на сите што беа вклучени во организацијата.
- Сакам да упатам голема благодарност до сите граѓани за дадената поддршка на хуманитарната забава во „Але-Дар“. Од хуманитарната забава собрани се вкупно 123.500 денари и истите се пуштени на сметката.
Благодарност до естрадните уметници, до сите кои ми помогнаа во организацијата до ресторанот „Але-Дар“ чии што сопственици од прометот ми донира 65.000 денари, а од влезниците се собрани 54.000 денари и 5.000 денари имаше во поставените кутии. Сега ми остануваат уште некои ситни пари до крајната цел од 34.000 евра за операцијата , така што уште еднаш им благодарам на сите што несебично ми помогнаа овие две години со собирање на парите, рече Методи Митев.
Присутните гости ги забавуваа естрадните уметници од македонската музичка сцена, Сузана Гавазова, Влатко Миладиновски, Влатко Лозановски, Ване Грозданов, Ибуш Ибраимовски и Ристе Ристевски како и Бумбари Бенд кои што цела вечер свиреа за помош на Митев.
-Кога ми се јавија организаторите за да помогнам со моето присуство за Методи Митев веднаш прифатив. Ја сакам хуманоста и сакам да помагам, рекоа естрадните уметници на забавата.
Организаторите освен до естрадните уметници кои што пееја за помош на Митев, упатија и голема благодарност до спонзорите кои што несебично прифатија да помогнат, печатницата Мастер Принт, ресторанот „Але-Дар“ и медиумите Радио Лакоста, Канал 5 и Канал 8 телевизија.
Т. Велкова