19.01.2018 За прв пат на Водици, а голема среќа и радост за кочанци и за Македонија е што кочанецот Ефтимиј Атанасовски го фати крстот на Света Гора.
Тој таму е со членови од ЗГ „Восресение“ од Кочани на поклонение во манастирот Дохијар и прв пат учествува во чинот на потопување на Светиот крст во водите на Егејското море. Oсвен со членови на ЗГ „Восресение“ од Кочани, Атанасовски деновиве таму е и со други поклоници од Струмица.
Токму од манастирот Дохијар од Света Гора во Струмица беше и донесена чудотворната икона на Пресвета Богородица Брзопослушница.
Инаку, неколкумина од членовите на ЗГ „Воскресение“ од Кочани отпатуваа за Света Гора, а други учествуваа во чинот на потопување на Светиот крст во водите на Кочанска река.
Ова е прв пат досега кочанец да учествува и да го фати крстот на Света Гора, што според членовите на граѓанското здружение „Восресение“ значи среќа и здравје за целиот македонски народ.
Т. Велкова