22.01.2018 По повеќемесечна работа и вложен труд по предметот Роботика, учениците од основните и средните училишта од Кочани кои го сочинуваа тимот што учествуваше на меѓународниот натпревар на First Lego лигата во Белград, се вратија воодушевени и пресреќни, бидејќи го освоија првото место.
Тие беа единствени и први учесници од Македонија на натпреварот и во конкуренција од 19 тима од Србија токму нашите ученици беа најдобри. Менторите Гордан Анастасов и Роза Војновска цело време упорно работеа со учениците за изработка на проектот.
- Презадоволни се враќаме од меѓународниот натпревар во Србија на кој што прв пат учествува тим од Македонија и се случи најдоброто зедовме прво место и директно пласирање на Адриа лигата. Импресиите беа чудесни, натпреварувањето беше на многу високо ниво, оценувачи беа реномирани професори од факултети од повеќе држави. За нас самото учество беше голем успех, а ние дури го зедовме првото место. Воедно сакам да се заблагодарам на Ротари клубот Кочани - Виница без чија што поддршка не можевме да го реализираме патувањето, само Ротари клубот ни излезе во пресрет, истакна Гордан Анастасов, ментор.
Темата на проектот на кочанските ученици е „Искористеноста, односно неискористеноста на геотермалните води“. Учениците презадоволни од постигнатите резултати не го криеја воодушевувањето на одговорните на натпреварот.
- Еден дел од натпреварот беше изработување на проектот во врска со водата и ние за тема ја одбравме неискористеноста на повратните води во фабриката Геотерма. Нашиот проект вклучува изработување бај пас на цевката која што ги носи водите од оранжериите, назад во подземјата и дел од таа вода ќе оди за производство на алгата „спирулина“, рече Мими Војновска, учесник на натпреварот.
- Еден дел од овој натпревар беше Робот гејм. Тоа всушност се состоеше од маса на која што имаше вкупно 19 мисии и секоја мисија носи поени колку што е потешка самата мисија. Ние прво бевме 15 место на Робот гејм но подоцна од 15 то место се искачивме на второ место, рече Горјан Илијевски, учесник на натпреварот.
Проектот и патувањето финансиски целосно е поддржано од Ротари клубот Кочани – Виница.
- Голема честитка сакам да упатам за тимот ученици што во голема конкуренција успеаја да го зедат првото место. Овој успех претставува еден голем подвиг и поттик за понатамошни успеси. Целиот проект финанасиски е поддржан од Ротари клубот Кочани – Виница, а една од целите на Ротари клубот е подобрување на образовните услови на локално ниво и со гордост сакам да кажам дека постигнатиот резултат на учениците претставува една подлога за поддршка на вакви проекти и во иднина, рече Васил Таковски, претставник од Ротари клуб Кочани – Виница.
Инаку, со освоеното прво место учениците обезбедија директен пласман за учество на следниот чекор од натпреварот, а тоа е Адриа лигата натпреварувањето што ќе се одржи на 10 март во Словенија каде што ќе учествуваат 9 те најдобри клубови од каде што први три продолжуваат на Европско првенство.
First Lego лига е меѓународен натпревар од светски рамки, лига која што на светско ниво има повеќе од 300 илјади клуба и во која за сите ученици во светот правилата се исти изработуваат исти мисии, сами си ги конструираат роботите, сами ги програмираат. Оваа година темата е „Хидродинамика“.
Т. Велкова
7°C
Кочани