31.01.2018 Уште еден млад живот е изгубен на патиштата во регионот, по низата сообраќајни несреќи што се случија од почетокот на оваа година. Овојпат жртва е 34-годишниот Д.А. од селото Бели, кој со автомобилот “форд фокус“ што го управувал, слетал во коритото на Трканска Река, непосредно до мостот што се наоѓа пред влезот во селото Тркање.
Несреќата се случила во вторникот околу 22 часот на магистралниот пат Кочани - Штип, при што загинатиот се движел од Облешево во правец на Кочани.
Трагите што ги оставило возилото беа видливи и изутрината, а од Секторот за внатрешни работи потврдија дека ударот во брегот бил со трагични последици.
- Во незгодата починал возачот, а смртта ја констатирал доктор од Итната медицинска помош од Кочани. Увид на местото на незгодата извршиле полициски службеници од Полициската станица – Кочани и се работи на расчистување на случајот, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР – Штип.
За неполни две недели ова е втора жртва на магистралниот пат А3, откако на само неколку стотини метри од местото на оваа сообраќајка, загина велосипедист од Мојанци како последица од повредите со кои се здобил по удар од автобус.
Поради зачестените сообраќајни несреќи со жртви, со тешко телесни повредени и со голема материјална штета од Полицијата упатуваат апел за почитување на законските прописи.
- СВР – Штип ќе продолжи со засилени контроли заради спречување на прекршоците, како што се управување возила под дејство на алкохол, брзина над дозволената, непочитување на првенство на минување на возила и пешаци и слично. Апелираме до сите возачи да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, не само за да го избегнат плаќањето на казните, туку заради зголемување на безбедноста на патиштата и на сообраќајот, додава Панајотова.
Освен двете сообраќајки кај Кочани во кои имаше и две жртви, од Полицијата потсетуваат дека пред неколку дена кај Крупиште имаше судир на два автомобила во кој со тешки телесни повреди се здобија четирии лица.
Т. Ајтовски