07.03.2018 Дел од раководителите на високи позиции во Локалната самоуправа во Кочани со години затајувале данок на имот, а дури пред неколку денови упатиле барање да го пријават имотот во кој веќе живеат.
Според Одделението за даноци, такси и надоместоци во Општината, вообичаена постапка е сите оние кои што досега го немале пријавено имотот, да се задолжат да гo платат данокот и за претходните години.
Неофицијално, станува збор за луѓе блиски на претходната локална власт што ја предводеше градоначалникот Димитровски, кој во јавноста остана познат по тоа што се обидуваше да спроведува даночна дисциплина и бараше данокот на имот и комуналната такса да се плаќаат уште на почетокот на годината.
Дали Одделението за даноци, односно Општина Кочани ќе упати поднесок до надлежните органи за одговорност поради досегашното затајување на данокот на имот, останува отворено прашање. Исто така, сè уште нема целосни податоци и за вкупниот број новопријавен имот за оданочување, посебно откако членот на Советот, Ѓорѓи Алексов, на последната седница на Советот постави прашање во таа насока.
- Дали е точно дека вработени службеници во Општина Кочани имаат непријавен имот, а според тоа и не плаќаат данок на имот или го затајуваат данокот што треба да го платат на Општината, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
Претходните девет години вработените во општинската администрација беа изложувани на силен притисок за редовно измирување на даночните обврски по основ на имот и условувани со исплата на платите. Ексградоначалникот Димитровски такви ултиматуми се обидел да постави и на вработените во образованието, но останал без успех.
Информациите, иако засега неофицијални, доколку се потврдат ќе докажат селективен приод во менаџирањето на Oпштината во претходниот мандат, но од друга страна и своевидна поддршка на незаконски дејствија во работењето на општинската администрација која има задача да води сметка за прибирањето на даноците од граѓаните.
Во насока на потврдување на податоците, Канал 8 отворено прашува: колку барања за пријавување имот се поднесени во последниве две седмици и дали меѓу тие барања има и имот кој директно или индиректно е поврзан со високи функционери и раководители во Општината? Исто така, ќе треба да се даде одоговор и дали ќе има ли санкции за затајување на данокот на имот и за непреземани мерки од страна на Општината?
Т. Ајтовски