12.03.2018 Поради тоа што сум спомнат во демант на новинарски текст, дозволете ми да изнесам податоци со цел објективно да ја известам јавноста.
Во 2012 година, како физичко лице, од Општината купив два плаца во местото викано Прокарка за кои платив износ од 4 милиони 158 илјади и 6 денари. Парите беа веднаш уплатени на сметката на Општината.
Согласно законските прописи во утврдениот рок поднесов проект, добив одобрение за градење и на почетокот на 2016 година почнав со изградба.
Во ноември, по изработката на геодетски елаборат во фирмата ГЕО КАРТА ДОО, направив упис во Катастарот. Истиот месец добив известување од Општината (бр. 24-2088/7) кое го примив на 02.12.2016 година со кое ме повикуваат да направам пријава на недвижноста. Назначувам - ни тогаш, а ни денес се уште не се користат објектите за домување зошто нема направено инфраструктура.
На 06.12.2016 година, поднесов Даночна пријава за утврдување на данок на имот, за кое на 28.12.2016 година е направена проценка во која како година на градба е назначена 2016 година. За време на проценката двете куќи не беа приклучени на системот на електрична енергија, а исто така и на системот за комуналии.
Без разлика што објектите се градеа во 2016 година, се упишаа во катастар ноември 2016 година, јас бев задолжен со Решение од 30.12.2016 година за данок на имот за цела 2016 година кој уредно го платив. Во самото решение е назначено (стан/куќа во кој не живее). Назначувам дека и двете куќи во кои и ден денес не се живее јас плаќам данок на имот за 2016, 2017 и сега сум задолжен за 2018 година.
Почитуван поранешен Градоначалник,
Јас платив за двата плаца износ од 4.158.006 денари. Износ кој досега не е постигнат на ниту една наредна лицитација. Дали Вие направите нешто за тие пари? Појдете, ќе видите дека за да дојдам до нив ќе мора да газам во кал. Каква инфраструктура направивте со тие пари? За жал ова не е случај само со мене и со многу други граѓани кои уредно платиле, а за возврат не добиле ништо.
Кога веќе зборуваме за плаќање на обврски кон државата, што е наша должност, јас како физичко лице и сопственик на приватна фирма по основ на данок на имот и комунална такса, годишно кон Општината плаќам износ од 236.024 денари.
Колку Вие плаќате? Кажете им на граѓаните дека под закрилата на фирма која вработува инвалидни лица не плаќате ни денар! Ве молам, ова јасно и гласно објаснете им го на граѓаните. Со плаќањето на данокот се покажува патриотизмот и општествената одговорност!
Со објавувањето на службени документи ја отворивте Пандорината кутија за дисциплинска одговорност на раководители на сектори и одделенија!