30.03.2018 Едно лице починало, а четири други работници се здобиле со потешки повреди при истовар на мермер во фирма во Кочани.
Несреќата се случила попладнево околу 17 часот во близина на градската капела, при што неколку мермерни плочи ги пригмечиле лицата кои ги истоварале од камион. Дел од плочите се искршиле и им нанеле сериозни повреди на работниците, па во нивното извлекување учествувала и екипа од Територијалната противпожарна единица.
Според првичните сознанија од дежурниот хирург во Општа болница – Кочани, едно лице било донесено без знаци на живот. Други двајца имале тешки телесни повреди, од кои едниот во критична состојба, со апарати за вештачко дишење се препратени во Клиничкиот центар во Скопје. Останатите се задржани на лекување во Кочани.
Увид на местото на несреќата изврши јавен обвинител, а повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Т. Ајтовски