30.03.2018 По успехот и освоените први места во Србија и Словенија, учениците од кочанските училишта кои што го сочинуваат тимот што учествуваше на натпреварот по роботика сега ја продолжуваат започната мисија.
Добија покана за патување и учество во Соединетите Американски Држави, за што многу се радосни, но недостасуваат финансиски средства за реализација на патувањето.
Затоа упатуваат апел до бизнис-секторот во целата држава ако можат да им помогнат во собирањето на средствата за да можат да отпатуваат на планираното патување и достојно да ја претстават државата.
- Навистина сум горд и многу среќен што овие прекрасни ученици стигнаа на многу високо ниво - да учествуваат на Светскиот натпревар по роботика што ќе се одржи во Детроит, Америка. Бидејќи ни се потребни финансиски средства за патувањето таму ги замолуваме сите граѓани и бизнис секторот ако се во можност да ни помогнат да го реализираме патувањето и да ја претставиме Македонија на светско ниво, рече Гордан Анастасов, ментор.
Инаку, по победата во Белград, учениците од кочанските основни и средни училишта учествуваа на натпреварот по роботика на регионалната Адриа лига, што на 10 мартсе одржа во Гросупље, Словенија. И од таму се вратија со први места. Освоија прво место во конкуренција „Основни вредности“, трето место во конкуренција „Игра со роботи“ и прва награда му беше доделена на Гордан Анастасов, како најдобар ментор.
Со помош на бизнис-секторот учениците и менторите искрено се надеваат дека ќе успеат во намерата да ја претстават државата на меѓународниот натпревар во Америка.
Т. Велкова
-3°C
Кочани