17.04.2018 Дежурна докторка на интерното одделение во Општа болница – Кочани синоќа била нападната на работното место од страна на роднина на пациентка која била хоспитализирана во здравствената установа.
Две други лица кои се нашле во близина успеале да го оттргнат напаѓачот и спречиле инцидент со посериозни последици.
Нападот врз се случил во моментот кога докторката ги прегледувала резултатите на пациентите кои требало да примат инсулин. Напаѓачот инсистирал неговата мајка, која била примена претходниот ден и уредно згрижена да добие приоритет, по што ја фатил лекарката за врат во обид да ја задави.
- Еден немил настан што се случи синоќа околу 18,15 ч. од страна на едно насилно лице на кое мајка му е хоспитализирана и згрижена и ја има нападнато дежурната докторка со обид за убиство, со давење. Докторката, за среќа беше спасена од едни млади деца кои ја носеа бабата на преглед. Да не влезеа тие деца ќе имаше далекусежни последици по докторката, рече Борка Панова, директор на Општа болница – Кочани.
Во инцидентот лекарката се здобила со телесни повреди, а доживеала и психичка траума, поради што побарала неколкудневно боледување.
Според Панова, ова не е прв ваков случај, но е еден од најсериозните досега, поради што во знак на солидарност со својата колешка, лекарите и медицинскиот персонал од болницата излегоа на мирен протест.
- Ова не се случува првпат, вакво насилие, од страна на членови на семејства и затоа ние мораме да го искажеме револтот од страна на сите вработени кои се грижат за здравјето на луѓето во цела општина и околината. Со овој протест апелираме до населението да бидат стрпливи, затоа што со помалку лекари остануваме и ќе бидат услужени ургентните, а потоа другите пациенти, додаде Панова.
Случајот бил пријавен во полиција, по што е направен увид на местот на настанот. Вработените во Болницата очекуваат против сторителот да се преземат соодветни законски мерки.
Т. Ајтовски