26.04.2018 Ниските и нередовни плати, високата невработеност и партизацијата и отуѓеноста на институциите од граѓаните се главните причини поради кои 20 отсто од населението во Источниот плански регион заминало во странство.
Такви се податоците од истражувањето што го спровело здружението ИНИ - Иницијатива на невработени интелектуалци од Виница, во рамки на проектот “Афирмација на миграцијата и емиграцијата од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево“.
Резултатите од завршената анализа беа претставени на прес-конференција на која беше истакнато дека иако повеќе од половина од иселениците биле вработени пред да заминат, ниските плати, притисоците и дискриминацијата на работното место ги натерале да емигрираат. Сепак, дел од нив изразиле подготвеност да се вратат доколку просечната плата достигне 500 евра по вработен, а органите на власта да исполнат одредени услови.
- Тие бараат да имаат средби двапати годишно, а средбите лично да ги фасилитираат градоначалниците и општините, при што да ги обезбедат сите информации, како на пример за банките кои ќе дадат кредитни линии, за мерките од Агенцијата за вработување, исто така Министерството за земјоделие, Агенцијата за поддршка на земјоделието итн. Што е она што општините им го нудат на самите иселеници да се вратат, какви мерки, какви олеснителни околности, дали нудат простор, дали нудат комуналии и така натаму, рече Тодор Цонев од Здружението Иницијатива на невработени интелектуалци – Виница.
Освен од општините, истражувањата од проектот на Здружението ИНИ покажале дека иселените лица бараат поддршка и од државата.
- Иселениците бараат државата да овозможи истите иселеници од странство преку аташеата и преку амбасадите да можат да аплицираат за мерките што гои нуди Владата и другите институции. Освен тоа, бараат мерките да бидат достапни во текот на целата година. Не да распишуваме конкурс во март – април, па тоа да трае до јуни, јули или август, туку во текот на целата година тие да бидат достапни за оние кои се заинтересирани да вложуваат во сопствената држава, додава Цонев.
Инаку, проектот „Афримација на миграцијата и емиграцијата од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево“ се реализираше со поддршка од Civica mobilitas што е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка. Резултатите од проектот јавно се достапни и на веб страницата на Здружението ИНИ од Виница.
Т. Ајтовски