02.05.2018 Присуство на ентеропатогени бактерии е откриено при анализата на примероци од храната со која беа затруени пет лица од селото Тркање.
Од Центарот за јавно здравје од Кочани потврдија дека мострите што се испитани биле неисправни за исхрана.
- Анализата од испитувањата покажаa присуство на голем број бактерии од видот салмонела ентеритидис и ентеробактериаци во веќе подготвените, како и во смрзнатите пирошки со пилешка шунка, кај филот за пирошки и кај смесата од јајца со презла. Единствено исправни за употреба се пирошките со свинска шунка, се вели во информацијата од Центарот за јавно здравје - Кочани
Резултатите од испитувањата веќе се доставени кај надлежните инспекциски служби, кои претходно и го затвориле објектот каде се подготвувала храната, а се најавуваат и соодветни законски санкции.
Инаку, затруените лица кои биле гости на свадба беа пренесени во штипската Клиничка болница, при што со знаци на труење, висока температура, дијареа и повраќање завршиле на Инфективното одделение. Во менито на свадбената свеченост имало стек, плескавици и пирошки.
Од Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, потврдија дека е стабилна здравствената состојба на затруените. Во меѓувреме, во текот на денот се пријавени уште осум нови случаи на труење од друга свадбена свеченост во Кочани. Притоа, во болницата во Штип задржани се три лица, односно невестата и нејзините родители, додека останатите петмина се испратени на домашно лекување.
Пирошките за кои се смета дека го предизвикале труењето во Кочани биле подготвени од истата фирма што пред две седмици дистрибуирала храна и во Штип, каде беа затруени шеснаесет лица.
T. Aјтовски