02.05.2018 Д-р Александар Серафимов, долгогодишен хирург во општата болница во Кочани од денеска е новиот в.д директор на Општа болница и Здравствениот дом во Кочани.
Тој доаѓа на местото на д-р Борка Панова, која што досега ја раководеше Општата болница и д-р Лолита Андоновска која што досега го раководеше Здравствениот дом во Кочани.
Станува збор за еден директор и на двете институции бидејќи сеуште во тек е процедурата за реализирање и конечно исполнување на најавениот пилот проект за спојување на Општа болница и Здравствен дом кои ќе имаат заеднички директор - д-р Александар Серафимов.
Спојувањето беше најавено од страна на министерот Венко Филипче кој што при посетата на општа болница на крајот на 2017 и на почетокот на 2018 година истакна дека и Кочани ќе биде дел од пилот-проект за спојување на Општа болница и Здравствен дом во една здравствена институција.
Тогаш тој истакна дека станува збор за проект кој што што треба да покаже точно како се распределуваат трошоците, како се прават долгови и да се изнајде начин за рационализација на работата.
Со проектот за спојување на двете установи во Кочани се очекува да се намалат давачките за правни и други заеднички служби, како и да се избегне дуплирањето на кадри што не се директно поврзани со здраствените услуги. Освен Кочани, Министерствотоз за здравство во овој проект ќе ги вклучи и Кавадарци и Гевгелија каде што ситуацијата е слична како кај нас.
Серафимов, како и претходните директори на Болницата, вели дека ќе се залага за продолжување и завршување на започнатите проекти во болницата, за добивање на нови апарати на повеќе одделенија, како и за праќање на доктори на специјализација и добивање кадар во Општа болница и со тоа решавање на долгогодишниот проблем од недостиг на лекари-специјалисти.
Т. Велкова