13.09.2013 Ретко кој пчелар би купил пчеларска опрема од Македонија. Многу е поскапа за разлика од градовите надвор од државата.
Се што им е потребно за пчеларење , кочанските пчелари си набавуваат од Белград затоа што таму ја добиваат за 60 % поевтино .
-Во Белград традиционално одиме секоја година и од таму си купуваме се што ни е потребно за пчеларење, бидејќи целата опрема за пчеларење е поевтина дури за 60%. Изложбата е една од најголемите изложби на Балканот и на неа се нуди се што е потребно за пчеларството. Ќе ја искористиме можноста и да прошетаме низ Белград, рече Ванчо Ќировски, секретар на ПЗ „Златна Кошница“ од Кочани.
Освен набавка на поевтина пчеларска опрема, кочанските пчелари присуството во Белград го користат за да присуствуваат на предавањата на кои се презентираат најновите научни достигнувања во пчеларството. Инаку цената на медот во Србија е иста како и во Македонија и изнесува околу 5 евра за килограм.
Од здружението „Златна кошница“ информираат дека освен пчеларите на саемот во Белград може да присуствуваат и други љубители на пчеларството и сите заинтересирани граѓани. Повратниот билет чини 1500 денари.
Инаку за пчеларите сега е период кога ги зазимуваат пчелите, па пчеларите од „Златна кошница“ се состануваат секоја седмица и вршат консултации во врска со активностите кои претстојат.
Последниот викенд од септември ќе присуствуваат на изложба во Скопје , а во октомври на актуелната изложба на мед поврзана со Макфест и пастрамалијадата во Штип.
Т. Велкова