22.05.2018 Радица Јованова е новиот ученик на генерацијата 2014-2018 во СОУ “Ванчо Прќе“. Таа е од Зрновци, но тинејџерските години ги поминала во училиштето во Виница.
Нејзиниот четиригодишен труд и посветена работа во училиштето и ја донесоа најголемата сатисфакција, да биде првенец од 126 матуранти кои ја завршуваат четврта година.
- Континуираниот одличен успех во овие четири години и освоените награди на државни и меѓународни натпревари ми ја донесоа наградата првенец на генерацијата. Планирам понатаму да се запишам на градежен факултет, рече Радица Јованова, ученик на генерацијата во СОУ “Ванчо Прќе“ - Виница.
Покрај Радица, како најдобри ученци беа прогласени и Верица Иванова и Сашо Донински. Од оваа учебна година училиштето ќе доделува по три награди, вели директорот Тихомир Тасев.
- Оваа година за првпат доделуваме три награди, ќе бидат доделени од страна на Ротари клубот Кочани - Виница. Со самата матурска вечер учениците го заокружија средното образовани. Во тек се матурските испити со полагање на матурски испит на 2 јуни кога се полага странски и на 9 јуни се полага мајчин јазик. До средината на јули 12-13 јули свечено доделување на дипломите, истакна Тихомир Тасев, директор на СОУ “Ванчо Прќе“ Виница.
Во средното училиште во Виница последните наставни часови ги завршува 54-та генерација матуранти кои деновиве го славеа и своето полнолетство.
Оваа учебна година од генерацијата 2014-2018 завршуваат 126 матуранти од кои мнозинството се со гимназиско образование, но и со дипломи за завршено стручно - машинско, текстилно и сообраќајно средно образование.
Т. Велкова