01.06.2018 Голем успех забележаа средношколците од Кочани кои учествуваа на финалниот натпревар од проектот за унапредување на дигиталната писменост во Македонија, познат како Microsoft Office Specialist.
Тие освоија најмногу поени од сите учесници, а победник стана Јорданчо Ефтимов, ученик во трета година во СОУ “Гошо Викентиев“.
На натпреварот кој започна кон крајот на декември 2017, се пријавија повеќе од 1000 млади, а Ефтимов освои максимален број поени. Со тоа ја освои првата награда и се стекна со право да патува на Светскиот натпревар во Орландо, на Флорида во САД, каде ќе ја претставува Македонија како најдобар Microsoft Office Specialist.
- Натпреварот беше прилично тежок, имаше доста конкуренција, беа најдобрите 40 ученици од Македонија, од Кочани бевме околу 20 ученици. Значи, се подготвувам со професорката Павлина Атанасова, имаме уште два месеци да се подготвиме за Светското првенство. Од Светското првенство се надевам дека ќе се вратиме со медал, рече Јорданчо Ефтимов, победник на натпреварот во Скопје.
Ефтимов планира образованието да го продолжи во областа на информатиката, поради што желба му е да се запише на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ во Скопје.
Според најавите, на Светското првенство во Орландо, што ќе се одржи во август, тој ќе се натпреварува со претставниците на повеќе од 140 земји и ќе се бори за титулата најдобар Microsoft Office Specialist во светот.
Натпреварот се одржува трета година по ред, а лани нашата држава на Светскиот натпревар во Америка ја претставуваше Драгана Јакимова од Кочани.
Т. Ајтовски