27.06.2018 Ако учениците во Кочани во изминатите години секој ден се возеле со такси при доаѓање и заминување од училиште, а за тоа да им плаќала Општината, вкупниот трошок би бил помал отколку превозот со автобус.
Иако во јавноста веќе се познати податоците за огромните трошоци што училиштата во општина Кочани, а со тоа и Локалната самоуправа ги плаќале и ќе треба уште да ги отплаќаат за бесплатниот превоз на учениците, сепак се уште фрапантни се конкретните бројки и суми што беа изнесени на панел-дискусијата на градоначалникот Илијев со граѓаните.
- Ако цената за еден билет од Грдовци до Кочани е 20 денари, и 20 во другиот правец е 40, нашето училиште плаќа 63 денари. Таква е состојбата со сите училишта во градот Кочани и во селата, што значи најпрво ние мораме да најдеме решение овде како да дојдеме до тоа да платиме услуга реално, пазарна услуга што ја добиваме и услуга што навистина ја користиме. Ние имаме пазарна економија и сите можеме да дојдеме до цените кои се пазарни, а тие натаму ќе бидат база за преговори и договори, односно за објава на тендерска постапка за извршување на јавна набавка, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Едноставна пресметка за јавниот превоз покажува дека цената за користење такси во двата правци по ученик би изнесувала 20 денари, доколку учениците кои живеат на иста или соседна улица би се групирале и заеднички би користеле едно такси возило. Оттаму, нејасно е како за превоз со автобус биле склучувани договори со кои се плаќале неколкупати повисоки цени.
Дополнително, покрај “надуваните“ цени, сметките на училиштата, односно буџетот на Општината во изминатиот период биле оптоварени и со плаќање давачка за услуга што реално не била користена.
- Ние, односно училиштата плаќаат на превозникот по број на ученици кои се пријавени, а не по превезени ученици. Тоа е податок што загрижува и сознанијата кои јас ги добивам, веројатно и вие како граѓани на општина Кочани, се дека дел од учениците кои имаат помалку часови или дел од учениците кои одлучат да го напуштат еден или друг час, заминуваат многу порано. На крајот, ние плаќаме дебела сметка за тоа, додаде Илијев.
За два месеци ќе стартува новата учебна година, а наскоро ќе треба да се распише нова тендерска постапка за бесплатниот превоз на учениците. Затоа, одговорните за образованието во Општина Кочани, како и директорите на училиштата немаат многу време за чекање за да изнајдат решение како да ги намалат трошоците за оваа ставка.
Натрупаните долгови ќе мора да се вратат, но ќе мора формулата за пресметка да се промени за да не продолжи тонењето во финансиската бездна.
Т. Ајтовски