10.07.2018 Територијалната противпожарна единица од Кочани во иднина ќе биде ангажирана за гаснење пожари и за други интервенции и на подрачјето на соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево.
Таквата обврска произлегува од договорот за меѓуопштинска соработка што ќе го склучат градоначалниците на трите локални самоуправи, а со кој се здружуваат финансиските и материјални средства за да се подобри нивото на противпожарна заштита.
Интервенциите во двете општини кочанските пожарникари ги реализираа и досега, но со склучувањето на договорот се запазуваат одредбите од Законот за пожарникарство, но и се одредуваат меѓусебните обврски за покривање на трошоците за ангажманот.
Бидејќи двете соседни општини, кои произлегоа од поранешната општина Кочани, се со население под минималниот праг од 10 илјади жители и немаат финансиски и други можности да формираат свои противпожарни единици, нашите пожарникари ја преземаат обврската за давање на потребните услуги.
Во моментот во Територијалната противпожарна единица во Кочани се вработени 17 пожарникари, што е само половина од потребниот број во однос на вкупната територија што тие ќе ја покриваат во иднина. На располагање им стојат шест возила за интервенции со просечна старост од триесет години, а само три од нив се користат за гаснење пожари.
Спoред Законот за пожарникарство на секои 1.500 жители неопходно е да има ангажирано еден пожарникар, така што за успешно реализирање на поставените задачи бројот на вработени треба да се зголеми најмалку за уште десетина пожарникари.
Во просек ТППЕ - Кочани годишно има над 200 интервенции за гаснење пожари или спасување повредени во сообраќајни несреќи, од кои близу една петина се на територијата на општините Зрновци и Чешиново-Облешево.