18.07.2018 И по четири години од воведувањето на надоместок за паркирање во централното градско подрачје на Кочани, Локалната самоуправа се уште целосно не ја реализирала претходно донесената одлука на Советот на Општината за кои паркинг места ќе се плаќа.
Иако во 2016-та имаше обиди таа комплетно да стапи во сила, советниците од претходниот состав не го одобрија предлогот на тогашниот градоначалник.
Кога во мај 2014 година се воведе наплатата за паркирање, беше речено дека како привремено решение таксата ќе се плаќа само за сообраќајниците од десната страна на Кочанска Река како и на паркинзите кај Трговскиот центар и кај кулата “Треска“. Целосната примена на одлуката беше оставена за подоцнежна фаза, а со неа се предвидува наплатата да се врши и на просторот на плоштадот “Методија Андонов Ченто“, на улицата “Кеј на Револуцијата“ од аптеката “Зегин“ до паркот кај Старата зграда, потоа на паркингот кај Паркот на Револуцијата, паркингот кај Централниот регистар и просторот кај службениот влез на “Македонска пошта“.
На последната седница на Советот, градоначалникот Илијев најави дека Општината се уште размислува како најефикасно и прифатливо за граѓаните да го реши ова прашање.
- Ќе доставиме барање до вас како советници да донесете одлука, да ни помогнете да го заокружиме платеното паркирање во општината, како на плоштадот, така и по целата улица “Кеј на Револуцијата“, тоа е нашето размислување, а секако ќе побараме одобрение од Советот, понатаму наплатата на паркингот да не оди на лице место, туку да се врши преку СМС пораки и преку талони што ќе се продаваат на киосците во централното градско подрачје, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Во врска со ангажираните лица кои работат какко наплатувачи на таксата за паркирање, Илијев рече дека се размислува на кој начин тие да бидат прераспределени на други работни места.
- Луѓето кои ќе останат, прво бројот на вработени, потребата од толку луѓе ќе се намали, ќе бидат прераспределени, а луѓето кои ќе останат ќе бидат вклучени во контролата, на она дали се почитува или не се почитува, додаде Илијев.
Според Илијев, постапката за проширување на опфатот на платениот паркинг ќе влезе во процедура по завршувањето на летниот период, но повторно потенцираше дека крајната одлука за тоа ќе ја донесе Советот на Општината. Исто така, беше речено дека на седница ќе се разгледува и висината на цената за паркирањето, односно ќе се земат предвид одредени забелешки за намалување или зголемување на надоместокот.
T. Aјтовски