21.08.2018 Напорите за заживување на локацијата на Споменикот на слободата со организирање културни и други настани добија уште една позитивна потврда и оправдување со изведбата на претставата “Солун, град на духови“.
Многу публика, одлична атмосфера, амбиент што е созададен за театарски случувања, едноставно како сè да беше предодредено за вистинско културно доживување.
Седуммината млади актери кои учествуваат во претставата, во текот на двочасовната изведба одушевија со едноставноста, искреноста и оригиналноста во пренесувањето на прилично напорниот и комплициран театарски текст.
- Мора да седнете, да ја прочитате историјата на Солун за да ви биде отприлика вистински јасно што се случува. Во овој текст има многу дати, многу имиња што навистина се тешки да се научат. Сепак, со многу проба, со многу вежби мораш на памет да ги научиш, бидејќи тоа не е емоција и не е некој разговетен текст што можеш да го научиш од самоинтерпретирање. Мораш да седнеш и да го научиш. Мене ми е мислам вторпат како играм дома и вчера не можев да спијам, цела ноќ не спиев, денеска бев тотално изгубена од многу трема, ова се луѓе со кои сум учела школо, ова се учителки, мои наставнички, мои професорки, роднини кои никогаш не ме гледале на сцена. Прво, се секирав дали ќе има публика, дали ќе дојдат, ама на крај беше многу добро, сега сум многу олеснета, и ми е супер, и многу сакам пак да играм тука, и баш би сакала да направам претстава токму на Споменикот на слободата, рече Наталија Теодосиева, актер во претставата.
Во текстот се прави пресек на дел од богата историја на Солун, како град на мултикултурни, мултирелигиски и мултиетнички различности, од неговите почетоци до средината на 20 век. Без разлика што носи порака од минатото, со своите универзални пораки тој е актуелен и денес.
Токму Споменикот на слободата ги воодушеви и другите актери во претставата, кои сметаат дека тоа е вистинско место за слични културни случувања во Кочани.
- Специфично, ама исто така како да е за нас направено местово, многу ми се допадна. Акустиката многу легна, се слушаше, ние се трудевме да бидеме за нијанса погласни од обично. За првпат имавме толку многу публика, не знам, супер беше, многу е убаво местово и мислам дека треба да продолжи во овој правец, да се ангажираат луѓе тука, да настапуваат во било какви сврхи, рече Стефан Вујисиќ, актер во претставата.
Театарската претстава „Солун, град на духови“ е работена по текст на Русомир Богдановски, инспирирана од истоимената книга на Марк Мазовер, а во режија на Слободан Унковски.
Т. Ајтовски