20.09.2018 Ученици, професори, членови на велосипедски клубови и голем број љубители на велосипедот како превозно средство се вклучија во велосипедското дефиле низ Кочани, за да го одбележат претстојниот 22 септември - Светскиот ден без автомобили.
Организатори на дефилето се Спортскиот клуб „Тркало“ од ОУ „Раде Кратовче“, ОУ „Малина Попиванова“ како дел од веломрежата на Република Македонија, Здружението „Екологик“, Швајцарската агенција за развој и соработка и Општина Кочани.
Во велосипедското дефиле се вклучи и градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, кој повика жителите на Кочани што повеќе да се користат велосипеди наместо моторни возила. Тој рече дека во иднина се размислува да се корегираат одредени улици со велосипедски патеки.
– На симболичен начин повикуваме да ги користиме алтернативните превозни средства кои не ја загадуваат животната средина и придонесуваат за здрав живот. Урбанистички, нашите улици не се прилагодени за велосипедски патеки, и ние имаме задача во иднина, таму каде што можеме – да коригираме, да направиме велосипедски патеки, но и навреме да се планираат патеки и за новите улици. Така ќе можеме да придонесеме велосипедот да биде едно од помасовните превозни средства во нашата општина, рече Николчо Илијев, градоначалник на општина Кочани.
Директорот на ОУ „Малина Попиванова“ Благој Петров, како организатор на настанот, соопшти дека покрај велосипедското дефиле, во одбележувањето на „Неделата на мобилност“, се дистрибуираат летоци со пораки за користа од возењето велосипед, а во Трговскиот центар во Кочани учениците изработуваат цртежи преку кои се пренесуваат пораки за поздраво живеење без автомобили.
Т. Велкова