20.09.2018 Граѓаните на Кочани имаа можност јавно да ги искажат своите ставови во врска со договорот од Преспа и за претстојниот рефереднум, преку активноста што ја организираше невладината организација “Цивил“ од Скопје.
На штандот што беше поставен во близина на плоштадот во Кочани, можеа да се прочитаат голем број пораки во стилот „Гласам за преспанскиот договор и за вечна Македонија“, „Јас имам глава за што да се одлучам“, „За европска Македонија, доволно чекавме“.
Од невалдината “Цивил“ рекоа дека освен граѓаните на Кочани, на слични штандови своето мислење можат да го искажат и жителите на поголем број други градови во државата.
- Ставот на „Цивил“ е дека граѓаните и граѓанките треба да знаат дека имаат право да знаат како да го заштитат своето право на глас и дека ако излазат на референдумот тогаш тие одлучуваат за судбината на нивната земја. независно од тоа како ќе го дадат својот глас. Ние ќе имаме прес-конференции на денот на гласање, на 30. септември, а по завршување на референдумскиот процес „Цивил - центар за слобода“ ќе излезе со извештаи, анализи и наоди од спроведениот референдумски процес, рече Билјана Јордановска од НВО “Цивил“.
Граѓаните на Кочани со различни ставови во врска со референдумот, оставаа пишани пораки на штандот, но и преку медиумите ги пренесоа своите мислења за целиот процес.
- Гласам за Македонија, го поддржувам овој референдум и договорот од Преспа, тоа е мојата порака... Мислам дека народот треба, сите да излезат, тоа е за добро, за иднината на нашите деца, на нашите внуци... Зошто, затоа што ќе бидеме отворени, цела Македонија ќе биде отворена, каде сакаат ќе одат, како што беше некогаш со Тито, така и сега ќе биде ако гласаат “за“... Мене ми изгледа дека Македонија се враќа во 1913 година, да се поништи името Македонија, на тоа ми асоцира и со тоа така ќе заврши... Што ќе добиеме? Ќе добиеме за младите помош, ќе одат во друга држава и да се лечат, и да заработуваат пари и за дома, рекоа дел од анкетираните граѓани.
Тимот на “Цивил“ во текот на денот имаше штандови и во Скопје, Пробиштип, Кратово и Крива Паланка. Посетите се дел од проектот „Гласам, значи постојам“ кој е поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.
Т. Ајтовски