21.09.2018 Општинската изборна комисија во Кочани во целост e подготвена за референдумското изјаснување.
Оттаму ги потсeтуваат граѓаните дека според календарот на активности, привршува рокот за пријавување на болните и изнемоштените лица кои сакаат да го искористат своето граѓанско, односно гласачко право во домашни услови. Крајниот рок е до сабота до 24 часот, за што од ОИК најавија дека до овој термин ќе има дежурство.
Притоа за пријавување е неопходна потребната лекарска документација од лекар специјалист, но и соодветен документ од Центарот за социјални работи за оние лица кои користат туѓа нега.
Од Подрачната единица на ДИК во Кочани пак, ги известуваат граѓаните дека има промена во локациите на три гласачки места. Избирачите кои своето избирачко право го остваруваат на избирачките места бр.0837 и 0837/1, што во изминатите изборни циклуси се наоѓаа во населбата Калиманова Глава, за претстојниот референдум ќе гласаат на истите места, но тие ќе бидат лоцирани во СОУ „Љупчо Сантов“ .
Согласно Изборниот законик, кој предвидува за едно избирачко место да има најмалку 10 запишани граѓани со право на глас, има промени и за избирачкото место бр. 0894 во село Речани. Таму досега гласаа жителите од Речани и Вранинци и има запишано само 8 гласачи, па сега тие гласањето ќе можат да го реализираат на ИМ бр.0895 во селото Костин Дол.
Во општина Чешиново-Облешево гласање ќе се спроведе на вкупно 13 избирачки места, со тоа што промена има само во ИМ бр.0880 во село Бурилчево. Имено, истото е преместено во училишната зграда во село Кучичино.
Во општина Зрновци гласање ќе се спроведе на вкупно 4 избирачки места и во оваа општина нема промена на објектите за гласање.
Т. Ајтовски
-3°C
Кочани