26.10.2018 По реализираната јавна набавка, Општина Кочани го склучи договорот со трговското друштво „Тасим компанија“ од Оризари, претпријатие кое од 5 ноември, па во наредниот период од една година ќе го врши општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општина Кочани.
Превозот ќе се реализира на релацијата од населбата Оризари – Усова чешма – Бавчалук, преку спојот на улиците „Бел камен“ со „Страшо Ербапче“ до Лесна индустрија.
Според договорот, „Тасим компанија“ ќе има најмалку четири поаѓања дневно од понеделник до сабота, согласно одобрениот и регистриран возен ред. За автобуски стојалишта се определени вкупно 63 локации, во Оризари и во Кочани.
Патниците ќе плаќаат само 10 денари или 50 проценти од вкупната сума, додека другата половина ја субвенционира Општина Кочани. Цената за оваа услуга е утврдена со одлука на Советот на Општина Кочани.
Откако беше воведен како услуга, општинскиот јавен превоз прв пат се реализира по спроведена постапка за јавна набавка. Претходниот превозник, „Авто атом“, од 1 август годинава престана да извршува сообраќај како општински линиски превозник, со образложение дека релацијата се покажала како непрофитибилна и неисплатлива за натамошно изведување.
Изборот на „Тасим компанија“ е по две неуспешно реализирани јавни набавки.