31.10.2018 Градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров и додели признание и вредносен ваучер на својата сограѓанка Адријана Поп Арсова, која го постави новиот македонски рекорд во маратон на 42 километри во женска конкуренција.
На неодамна одржаниот маратон во црногорскиот главен град Подгорица, Поп Арсова го освои четвртотo место и за првпат патеката ја истрча под три часа, со што постигна одличен резултат за македонската маратонска репрезентација.
Таа рече дека конкуренцијата е голема и токму поради тоа личното задоволство од остварените резултати е уште поголемо.
- Секогаш е тешко затоа што е маратон, секогаш има кризи во текот на трчањето, но треба ментално да си спремен за тоа и сето тоа да го поминеш. Лани еднаш го срушив, од лани трчам маратон, лани во Загреб на моето деби во маратон го поставив рекордот на Македонија, а оваа година трипати трчав маратон и трипати го срушив рекордот. Треба неколку месеци подготовка константна, значи тоа вклучува и два до три тренинга дневно, така што е многу напорно и километража којашто иѕнесува околу 140 километри неделно, рече Адријана Поп Арсова, македонска рекордерка во маратонско трчање.
Иако нема долго искуство во маратонско трчање, виничанката Поп Арсова за само една година трипати беше најдобра во Македонија. Во Локалната самоуправа на Виница размислуваат за создавње подобри услови за тренинг што би било дополнителен стимул и други млади да го следат примерот на Поп Арсова.
- После долги години Виница има репрезентативец , меѓутоа не само репрезентативец, туку успешен репрезентативец кој ги руши рекордите и се надеваме дека на следните првенства, како што се европското и светското, ќе ни донесе уште поголема радост, не само за нас граѓаните на општина Виница, туку и за целата наша држава. Моментално перговараме и разговараме, сакаме градскиот стадион во Виница да го реновираме, во план ни е сега за сега и атлетска патека, меѓутоа тоа останува во плановите, ќе видиме дали ќе имаме можност, далу условите ќе ни дозволат и ова да го реализираме во следните години, рече Ивица Димитров, градоначалник на Општина Виница.
Македонската рекордерка во маратон е невработен психолог, настапува за АК “Делта“ и вели дека една од главните цели во моментот и е да оствари резултат со кој ќе обезбеди учество на европските првенства за македонската репрезентација.
Т. Ајтовски